Според извештаите доставени од државите низ светот, акции по повод Светскиот ден на чистење во 2018 година се одржале во 158 држави и територии, со вкупно 15 милиони волонтери кои се приклучиле на најголемиот настан за собирање на отпад во историјата на човештвото.

Зелениот бран на акции започна на 15.09.2018 година. Според проценките, во Македонија се приклучија 985 волонтери кои чистеа на 49 локации од 32 општини и беше собран околу 7 тони отпад. Здружението Гоу Грин учествуваше во организирање на настаните заедно со 40 училишта, 6 општини, 2 невладини организации, една самоиницијативна група од граѓани. Акцијата беше поддржана од Министерство за животна средина и просторно планирање на Република Македонија.

Учениците од ООУ „Кирил и Методиј“ станаа дел од големата зелена бројка волонтери кои придонесоа за менување на свеста кај граѓаните за управувањето со отпадот.

Во кругот на општинското основно училиште „Кирил и Методиј“ во Стојаково и во ПУ во с. Селемлија, програмски беа изведени три работни задачи: чистење на училниците, чистење на дворната површина и селекција и пакирање на стари и неупотребливи книги.

Од страна на Еко Одборот пред учениците беше презентирана програмата и целта на акцијата. Беа обезбедени потребните материјали (ракавици, вреќи, крпи, метли). Учениците беа поделени на тимови од кои секој тим одговорно ја реализира својата задача.